Прекин на договорот за вработување поради возраст

Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на РСМ“ бр. 151 – стр 3 од 06.07.2021 година), кој се однесува на член 104 од Законот за работните односи, Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Во член 2 од истиот Закон е утврдено дека Договорот за вработување од став 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.

Според став 1 од членот 204-а од Законот за изменување и дополнување на законот за здравствената заштита (Сл. весник бр. 178 – стр 6 од 4 август 2021) е утврдено дека: „По исклучок од членот 204 алинеја 6 од Законот за работните односи, заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст.

Според став 2 од членот 204-а од истиот Закон е утврдено дека:„Одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник од ставот 1 на овој член, ја потврдува министерот за здравство.“.

Според став 1 од член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (Сл. весник бр. 178 – стр 5 од 4 август 2021) е утврдено дека: „лицето избрано во наставно-научно звање или наставно звање му престанува работниот однос согласно со прописите за работни односи.“.

Во ставот 2 од член 1 од истиот Закон е утврден исклучок од ставот 1 од член 1 од овој Закон, кој гласи: „по исклучок од ставот 1 на овој член, заради непречено вршење на дејноста на високообразовната установа, по претходно барање на работникот, а со согласност на наставно-научен совет, еднаш годишно може да се продолжи договорот за вработување на лицето избрано во наставно-научно или наставно звање, до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст.

Ставот 3 од истиот Закон утврдува дека Барањето за продолжување на работниот однос од ставот 2 на овој член, се поднесува еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наред- ната година.

Согласно член 42 од Општиот Колективен договор за јавен сектор се утврдува „Кога работникот поднел барање до работодавачот за отстранување на повреда на некое негово право утврдено со закон, колективен договор и договор за вработување, или за остварување на истото, работодавачот е должен да соработува со синдикалниот претставник“.

Согласно член 43 од Општиот Колективен договор за јавен сектор се утврдува дека „Работникот има право да присуствува во постапката пред органот кој одлучува за поднесеното барање и притоа да биде застапуван од синдикатот“.

Имајќи го во предвид наведеното, Комисијата за прописи и правни прашања на ССКЦ е на следното

М И С Л Е Њ Е

Од изнесеното видливо е дека изменетиот член 104 од Законот за работните односи („Службен весник на РСМ“ бр. 151 – стр 3 од 06.07.2021 година) предвидел да со друг закон поинаку се уреди прекинот на договорот за работа поради старост, односно кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

Ова поинакво уредување на прекинот за работа поради старост е утврдено во Законот за изменување и дополнување на Законот за здравстената заштита, како и во Законот изменување и дополнување на Законот за високото образование, кои се претходно изнесени.

Во случај, кога  едно правно прашање е уредено со два закони, потребно е да се примени општото правно правило  Lex specialis derogate lex generalis (посебниот закон го дерогира општиот-генералниот закон)  па во случајот  во примена е Законот за здравствена заштита и  истиот  во  случајот е lex specialis во однос на Законот за работни односи во корелација со Законот за високо образование.

Не случајно овој исклучок од изменетиот член 104 од Законот за работните односи се уредува со овие два закона.

Здравствените работници и соработници, како и високо образовниот кадар се од посебен интерес и значење за секоја држава, вклучително и Република Северна Македонија, и најмногу од тие причини изменетиот член 104 од Законот за работните оставил можност да со друг закон поинаку се уреди прекинот на договорот за работа поради старост.

Продолжувањето на договорот за вработување до навршени 67 години се  остварува по два основа: како здравствен работник и здравствен соработник и како наставно-научен кадар.

Како здравствен работник и здравствен соработник директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст. Оваа Одлука на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник ја потврдува министерот за здравство.

Како наставно-научен кадар по претходно барање на работникот, а со согласност на наставно-научен совет, еднаш годишно може да се продолжи договорот за вработување на лицето избрано во наставно – научно или наставно звање, до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст.

Согласноста за продолжување на договорот за вработување, здравствениот работник, односно здравствениот соработник еднаш годишно ја поднесува  до директорот на здравствената установа каде е вработен, најкасно до еден ден пред да наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, односно најкасно до еден ден пред да му истекне претходно продолжениот договор по наполнети 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, најмногу до 67 години возраст.

Скопје, 29.04.2022 година

Комисија за прописи и правни прашања на ССКЦ

 

Scroll to Top