Работа во смени

Во став 2 од член 12 од Законот за работните односи е утврдено дека со договорот за вработување односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а  ако содржат такви одредби се сметаат за ништовни и  се применуваат соодветни одредби од закон.

Според став 3 на овој член на Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Согласно став 4 на овој член правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Според став 3 на член 105 на Законот за работните односи „Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и  додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Според став 3 на член 106 на Законот за работните односи „Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.“.

Согласно став 1 од член 124-а од Законот за работните односи „Работодавачот може да ја организира работата и во смени“, а согласно став 2 од истиот член „Работа во смени значи секој метод на организирање на работата во смени во која
работниците се сменуваат едноподруго на исто работно место во согласност со
одреден план и кое може да биде континуирано или со прекини, вклучувајќи ја
потребата за работниците да работат во различно време во даден период на денови
или недели, а согласно став 3 од истиот член, планот од ставот 2 на овој член се доставува и до синдикалната организација кај работодавачот, најмалку десет работни дена пред примената на планот.“.

Согласно член 125 став 2 од Законот за работните односи распоредот на работното време во областа на здравството се утврдува со одлука на органот на државната управа од областа на здравството.

При уредувањето и остварувањето на правата од работен однос меѓу кои и правото на надоместоците треба да се имаат во предвид и другите одредби од Законот кои се однесуваат на колективните договори, а особено за моделот на колективното договарање, примената и важноста на колективните договори, предметот на колективното договарање, лицата кои ги обврзува колективниот договор и друго.

Прашањата во врска со додатоците и надоместоците на плата утврдени со закон се уредени и во општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор во Република Македонија, посебниот на ниво на гранка/дејност и поединечните колективни договори на ниво на работодавач.

Постојат два општи колективни договори, кои според член 205 од Законот за работните односи се применуваат непосредно и се задолжителни за работодавачите и вработените во приватниот односно во јавниот сектор.

Прашањата во врска со додатоците и надоместоците на плата утврдени со закон се уредени и во Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор во Република Македонија, посебните/гранските, и поединечните колективните договори на ниво на работодавач.

Според став 1 од член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ „Со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор.“.

Според став 2 од член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ „Доколку со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач, се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со овој колективен договор, се применуваат одредбите од овој колективен договор.“.

Според член 1 од Општиот колективен договор за изменување и дополнување на општ колективен договор за јавниот сектор (Службен весник бр.85 стр 35 од 9 јули 2009 година) кој се однесува на член 17 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ, основната плата на работникот се зголемува по час за: прекувремена работа – 29%,  за работа ноќе – 29%; за работа во три смени – 4% и работа во ден на неделен одмор – 29%. а за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на плата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 42%.

Според став 3 од истиот член од Општиот колективен договор за изменување и дополнување на општ колективен договор за јавниот сектор (Службен весник бр.85 стр 35 од 9 јули 2009 година)  кој се однесува на член 17 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ додатоците меѓусебно не се исклучуваат.

Според став 4 од Општиот колективен договор за изменување и дополнување на општ колективен договор за јавниот сектор (Службен весник бр.85 стр 35 од 9 јули 2009 година) кој се однесува на член 17 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ правото на зголемена плата по основа на работа во три смени работникот го остварува само за деновите кога работникот работи во втора и трета смена.

Според член 64 од Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, основната плата на работникот се зголемува по час за: работа ноќе (помеѓу 22 часот и 6 часот наредниот ден) – 50% и за работа во три смени – 4%.

Прашањата во врска со недоместоците се уредени и со Поединечниот Колективен договор (ПКД) Дел за плата, други права по основ на плата и надоместоци на плата, склучен помеѓу ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетски клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.

Според член 14 на Поединечниот Колективен Договор основната плата на работникот се зголемува по час и тоа за: прекувремена работа – 29%; работа ноќе (помеѓу 22:00 часот и 06:00 часот наредниот ден) – 50%; работа во три смени – 4%; работа во организирана единица за итна медицинска помош – 8%;

Според истиот член од поединечниот колективен договор на Самостојниот синдикат на вработените во Универзитетски клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија правото на зголемена плата по основа на работа во три смени работникот го остварува само за деновите кога работи на работни места за кои работата е организирана во три смени (прва, втора и трета смена), секоја смена по 8 часа.

Имајќи го во предвид наведеното, Комисијата за прописи и правни прашања е на следното

М И С Л Е Њ Е

Прашањето за надоместоците е поврзано и условено со начинот на организирање на работата кај работодавачот и распоредот на работното време, кое го утврдува работодавачот.

Согласно горенаведените законски одредби и одредбите од општиот, посебниот/грански и поединечниот колективен договор на работникот му се исплатуваат додатоците кои се поповолни за него, а кои работникот ги остварува соодветно на работните часови поминати на работа, согласно претходно наведените прописи.

Со ова се подразбира дека во случај да со колективен договор на ниво на работодавач (поединечен колективен договор) се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ и посебниот/гранскиот колективен договор се применуваат правата и условите за работа од тие колективни договори, или доколку со колективен договор на ниво на работодавач се утврдени поголеми права или поповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ и посебниот/гранскиот колективни договори се применуваат правата и условите за работа од поединечниот колективен договор.

Притоа треба да се истакне дека ДОДАТОЦИТЕ НА ПЛАТА МЕЃУСЕБНО НЕ СЕ ИСКЛУЧУВААТ, ОДНОСНО ТРЕБА ДА СЕ ПРЕСМЕТААТ СИТЕ ОСТВАРЕНИ ДОДАТОЦИ.

Од ова произлегува дека за работа во смени се пресметуваат следните додатоци: 1. додаток за работа во смени од 4% и 2. додаток за ноќна работа од 50% (помеѓу 22:00 часот и 06:00 часот наредниот ден).

Додатокот за сменска работа од 4% по час го остварува оној работник чија работа е организирана во три смени по осум часа, две смени по 12 часа или друго времетраење на смените во текот на 24 часовно работење, и тоа само за оние часови поминати на работа кои не спаѓаат во прва смена (пр.: ако првата смена започнува во 07:00 часот и трае до 15:00 часот, часовите поминати на работа по 15:00 часот до следниот ден 07:00 часот спаѓаат во часови на сменска работа).

Правото на зголемена плата по основа на работа во три смени работникот го остварува само за деновите кога работникот работи во втора и трета смена.

Додаток за работа во смени не остварува работникот кој работи во прва смена.

Во случај на поклопување на смените за работа (прва и втора смена), правото на додаток за  работа во смени работникот го остварува само за часовите по завршување на првата смена, а не и за часовите кои се поклопуваат – часови кои припаѓаат на прва смена.

Во установа или во нејзин дел каде работата не е организирана во континуитетот од 24 часа на работникот не му следува додаток за работа во смени.

При пресметка на бруто платата важно е да се напомене дека сите додатоци се пресметуваат одделно на основната бруто плата, а потоа  се добива збирот на вкупната бруто плата која според однапред утврдена методологија се пресметува во нето плата.

Скопје, 29.04.2022 год.

Комисија за правни прашања на ССКЦ

 

 

Scroll to Top