Доколку согласноста на здравствениот работник, односно соработник не биде прифатена, односно работникот не го оствари правото на продолжување на работниот однос, согласно законот треба да се обрати по подолу наведениот редослед до надлежните институции кои се одговорни за заштита на правата на работникот од работен однос и тоа:
1.
Преку ЗДРАВСТВЕНАТА УСТАНОВА до ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ВО УПРАВНА ПОСТАПКА И ПОСТАПКА ОД РАБОТЕН ОДНОС ВО ВТОР СТЕПЕН
Според став 1 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „против решението за престанок на вработувањето здравствениот работник, односно здравствениот соработник има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението преку здравствената установа до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.
Според став 2 од член 208 од Законот за здравствената заштита, „здравствената установа е должна жалбата, со придружните списи, да ја достави до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата“.
Според став 2 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „Одлуката по жалбата органот кој одлучува во втор степен ја носи во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата“.
Според став 3 од член 207 од Законот за здравствената заштита, „Жалбата го одлага извршувањето на решението за престанок на вработувањето до донесувањето на конечното решение по жалбата“.
2.
НАДЛЕЖЕН СУД
Според став 1 од член 209 од Законот за здравствената заштита „здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој не е задоволен од конечната одлука донесена од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред НАДЛЕЖНИОТ СУД“, а според став 2 од истиот член „здравствениот работник, односно здравствениот соработник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд, ако претходно не барал заштита на правото пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, освен за правото на парично побарување“.
3.
ДРЖАВЕН ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД
(СЕКТОР ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ)
Според став 1 од член 262 од Законот за работните односи „ако инспекторот на трудот утврди дека со конечна одлука на работодавачот е повредено право на работникот, на барање на работникот, со решение ќе го одложи извршувањето на таа одлука, ако работникот завел работен спор до донесувањето на правосилна одлука на судот.
Според став 2 од член 262 од Законот за работните односи „работникот од ставот (1) на овој член, барањето до инспекторот на трудот може да го достави во рок од 30 дена од денот на поведувањето на работниот спор пред надлежниот суд.
Според став 3 од член 262 од Законот за работните односи „против конечното решение на инспекцијата на трудот од ставот (1) на овој член не може да се покрене управен спор“.
Според став 1 од член 263 од Законот за работните односи „против решението на надлежниот инспектор, донесено согласно со членот 262 од овој закон, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до надлежниот орган за одлучување во втор степен, согласно со закон, а според став 2 од членот 263 од Законот за работните односи „жалбата против решението од ставот (1) на овој член не го одлага извршувањето“.
По потреба здравствениот работник во заштита на своите права може да се обрати и до следните институции:
4.
КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА
- постапува по претставки, дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискриминација;
- на подносителот на претставката му дава информации за неговите права и можности за покренување на судска или друга постапка за заштита;
- покренува иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторени повреди на овој закон;
- ја информира јавноста со случаите на дискриминација и превзема активности за промоција и едукација на еднаквоста, човековите права и недискриминација;
- дава препораки на државните органи за преземање на мерки за остварување на еднаквоста;
5.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ
Народниот правобранител или Омбудсманот е специфичен, посебен, стручен и независен орган со овластувања за заштита на правата на граѓаните, што значи не е законодавно тело, извршна ниту судска власт, а уште помалку државен обвинител или орган на инспекција и надзор.
Методот и начинот на дејствување на Народниот правобранител се состои во давање предлози, совети, сугестии, соработка, подучување, умешност да се сослуша човекот и правовремено да дејствува во насока за остварување на правата на граѓаните.
Народниот правобранител како носител на функцијата е транспарентен, а канцеларијата во секој момент е отворена и достапна за секој граѓанин на Република Македонија или секое друго лице.
6.
ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Хелсиншкиот комитет за човекови права врши мониторинг на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи.
Цел на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на СРМ, меѓународните инструменти и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото.
Комитетот поаѓа од тоа дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и да имаат можност да ги заштитат во случај на нивно прекршување или ограничување. Ова претставува основа на владеењето на правото, човековите права и демократијата.
Во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со она на Европската унија, Хелсиншкиот комитет:
- организира системско набљудување на состојбите со човековите права во земјата,
- обезбедува бесплатна правна помош и ги штити индивидуалните, колективните и правата на другите правни субјекти на територијата на Република Северна Македонија и пред меѓународни организации.
Напомена:
Здравствените работници и соработници кои наполниле 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж заклучно со 30.06.2022 година, барањето односно писмената согласност до директорот на здравствената установа за продолжување на Договорот за вработување (во два архивирани примероци, од кои едниот архивиран примерок работникот го задржува кај себе) треба да го достават во периодот од 01.09.2021 година, а најкасно до 30.06.2022 година.
Здравствените работници и соработници кои наполниле 64 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж после 30.06.2022 година, барањето односно писмената согласност до директорот на здравствената установа за продолжување на Договорот за вработување (во два архивирани примероци, од кои едниот архивиран примерок работникот го задржува кај себе) треба да го достават најкасно до денот на наполнување 64 возраст и најмалку 15 години пензиски стаж.
Скопје, 15.06.2022 година
Комисија за прописи и правни прашања на ССКЦ