Член 206, 207, 208 и 209 од Законот за здравствената заштита Решение за престанок на вработувањето

Решение за престанок на вработувањето на здравствен работник, односно здравствен соработник

Член 206

Решението за престанок на вработувањето на здравствениот работник, односно здравствениот соработник го донесува работоводниот орган на здравствената установа.

Решението за престанок на вработувањето се врачува лично на здравствениот работник, односно здравствениот соработник, по правило во работните простории на здравствената установа во кои здравствениот работник, односно здравствениот соработник работи, односно на адреса на живеалиштето, односно престојувалиштето од кое здравствениот работник, односно здравствениот соработник секојдневно доаѓа на работа.

Ако здравствениот работник, односно здравствениот соработник не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во здравствената установа. По изминувањето на три работни дена се смета дека врачувањето на решението е извршено.

Жалба

Член 207

Против решението за престанок на вработувањето здравствениот работник, односно здравствениот соработник има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението преку здравствената установа до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Одлуката по жалбата органот кој одлучува во втор степен ја носи во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.

Жалбата го одлага извршувањето на решението за престанок на вработувањето до донесувањето на конечното решение по жалбата.

Заштита и одлучување за правата и обврските на здравствените работници, односно здравствените соработници

Право на жалба

Член 208

Здравствениот работник, односно здравствениот соработник на кој со решение на здравствената установа му е повредено правото од работен однос, има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, преку здравствената установа која го донела првостепеното решение.

Здравствената установа од ставот (1) на овој член е должна жалбата, со придружните списи, да ја достави до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата.

По поднесената жалба од ставот (1) на овој член Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен донесува одлука во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.

Право на судска заштита

Член 209

Здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој не е задоволен од конечната одлука донесена од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.

Здравствениот работник, односно здравствениот соработник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд, ако претходно не барал заштита на правото пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, освен за правото на парично побарување.

Закон за здравствената заштита

 

Scroll to Top