Синдикатот на Клинички в понеделник излегува на протест пред Министерството за здравство

Ден по одбележувањето на денот на здравството Синдикатот на клинички излегува на протест. В понеделник за време на паузата од 10 -10.30 пред министерството ќе го искажат револтот против властите за кои како што велат изминатите години успеале да го доведат јавното здравство во колапс.

– Незадоволни здравствени работници, незадоволни пациенти, напади врз здравствени работници, објекти кои се распаѓаат, несоодветни услови, проблем со паркингот на Клинички, со договорците, специјализантите, изјави д-р Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички.

Во Синдикатот најмногу се револтирани поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор што требаше да се случи пред распишување на изборите и околу 20.000 здравствени работници останаа без повисоки плати и покрај растот на минималната плата. Поради ова се доближија примањата на медицинска сестра со средно и хигиеничарка.

Од Синдикатот на Клинички ги повикуваат политичарите во програмите фокус да им биде јавното здравство зошто ќе нема кој да ги лекува луѓето.

– Не сакаме празни ветувања. Се работи за нашата иднина. Ова е последна шанса да се направи нешто, зошто јавното здравство останува без кадар, вели д-р Серафимовски.

Заедно со Синдикатот на Клинички во понеделник пред министерството на протест ќе излезат и членовите на Самостојниот синдикат за здравство при ССМ.

Scroll to Top