Вработени во здравството денес на протест пред Министерството за здравство искажаа незадоволство од непотпишувањето на анексот на Колективниот договор со кој платите на сите вработени во дејноста треба да се покачат за 15%, согласно зголемувањето на минималната плата во март. Тие порачаа дека не отстапуваат од нивното барање и доколку не го добијат ќе организираат поброен протест.
„Целта на овој протест е да испратиме две пораки: да го искажеме нашето незадоволство за она што не се случи, а не се случи потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се применет со оваа мартовска плата. Втората, многу посилна порака е до политичките партии кои претендираат да ја освојат власта, да сфатат дека одма по формирањето на новата влада треба да се пристапи кон потпишување на овој анекс на колективниот договор“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита кој го организираше протестот со поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Претседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски се осврна на изработката на нов колективен договор за здравството кој започна кога министер беше Беким Сали и кој како што рече, е речиси готов, усогласен со сите закони, но треба да се потпише.
„Еден апел до сегашниот министер, да се формира таа комисија што побрзо да се доврши изработката на колективниот договор и истиот да се стави на маса и да се потпише. Исто така ние, како Синдикат на Клинички центар повеќе пати апелиравме и дадовме поддршка и на бившиот министер и на претходниот пред него, Филипче кој ја отвори таа тема и беше ставена во програма на Влада; Клинички центар да се врати во една целина, со еден директор и еден управен одбор за да се знае што и како, кој работи, пошто има 66 директори, 33 управни одбори, има голем одлив на пари. Тие само ако го вратат Клинички центар, со тие пари може да ги покачат платите на вработените во здравството“, рече Серафимовски.
Серафимовски го истакна и проблемот на приватните специјализанти и на вработените со договор на дело на определено време.
„Има луѓе кои 20 години работат со договор на дело по Клиниките, а не им тече ни здравствено ни пензиско осигурување. Иако постои голем егзодус во нашето здравство, приватната специјалзиација не постои на никое друго место во светот. Предлагаме луѓето да се запослат во клиниките и државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот. Инаку, вака приватен специјализант ќе си заврши специјализација со пет години и еден ден нема да има во здравство, ќе си оди или во странство како што го прават тоа и завршените доктори. Имаме максимален одлив на сите профили. Крајно време е сите политички партии да си го стават прстот на чело“, порача претседателот на Синдикатот на Клинички центар.
Од Синдикатот ги повикуваат претставниците на политичките партии да седнат со нив на маса и да кажат што нудат за јавното здравство, а потоа тоа да го исполнат во првите 100 дена од новата влада.
На протестот се обрати и Даница Стојкова, медицинска сестра на Клиниката за гинекологија која укажа на одливот на медицинските сестри и останатиот медицински персонал. Стојкова рече дека ако некогаш имало 4 сестри со еден доктор, денес е обратно, има три доктори со кои работи една медицинска сестра.
„Валоризацијата на медицинските сестри и другиот персонал кој е вработен во медицинските установи малку повеќе да се разработи околу тоа прашање, затоа што платите навистина не стигнуваат до никаде. Ако на некој не му стигнуваат 4.000 евра за некој месец, замислете колку се 40.000 денари за едно семесјтво за еден месец. И последно, би сакала да се даде осврт и на образованието. Во овие здравствени институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар, поминат низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се запослуват со стално, со решение, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив, и тоа не оди никаде. Тука треба покрај министерството за здравство, другите институции, да се запраша образованието, како се вади тој кадар, дали тој кадар е способен да настапи во здравствени институции затоа што никој дојден како пациент не би сакал да биде прифатен од нестручни луѓе“, рече Стојкова.
За време на протестот претставниците на Синдикатот беа повикани на средба кај министерот за здравство, Илир Демири.
*ПРЕЗЕМЕНО од РАДИО МОФ