Обраќање на претседателот на ССКЦ – Др. Предраг Серафимовски
Добар ден почитувани,
Како претседател на ССКЦ ми претставува голема чест и задоволство да Ви соопштам, денес заедно со Премиерот на нашата држава, го објавуваме важниот договор што беше постигнат во изминатиот период.
Со особена радост и благодарност, ви соопштувам дека денеска, по долги преговори и конструктивен дијалог, постигнавме договор кој што значително ќе го подобри финанскиот статус на сите вработени во јавните здравствени установи. Сите ние, кои работиме во здравствениот сектор, сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме секој ден, но овој договор е конкретен и реален чекор кон признавање на нашата посветеност, труд и професионализам.
Во деталите на договорот, покачувањата на платите за сите вработени се следни:
1. За сите вработени освен за вработените со средно медицинско образование покачување на коефициентот за 0,233 односно бруто износ 3650 денари.
2. За вработените со средно медицинско образование, покачувањето на коефициентот за 0, 364 односно во бруто изразено 5700 денари, што е особено значајно за оваа категорија која е срцето на здравствената грижа и секојдневно ја носи тежината на здравствениот систем.
Покачувањата ќе бидат реализирани со Ноемвриска плата.
Синдикатот на ССКЦ инсистираше и за понатамошно вреднување и покачување на платите на вработените во здравствениот сектор, Во таа корелација се изборивме за спогодба со владата за следните 4 години да им биде овозможено покачување на платите и тоа во проценти изразено за 2025 година 5 %, за 2026 5-7% , 2027 5-7%, и за 2028 7-10%.
Сите овие покачувања се резултат на напорната работа на нашите синдикални претставници, заедно со Владата, и претставуваат одговор на барањата за подобри услови за работа, што е основа за понатамошно подобрување на квалитетот на здравствената грижа во нашата држава.
Договореното покачување на платите ќе значи директна корист за сите оние кои се вклучени во здравствениот систем. Ова не е само финансиско признание, туку и мотивација за уште поголема посветеност во нашиот секојдневен труд.
Ние остануваме посветени на продолжување на дијалогот и понатамошно подобрување на условите за работа во здравството, како и на продолжување на нашата борба за унапредување на здравствениот систем во целост.
Се надевам дека овој договор ќе претставува само еден од првите чекори во нашиот заеднички напор за подобра и посилна здравствена грижа за сите граѓани.
Да укажеме во оваа прилика на синдикалните преставници вооедно на целото членство во однос на истрајноста, фокусот, и посветеноста на нашиот синдикат за својте членови, Синдикатот е јак колку е поголемо членството, колку сме поголеми толку сме појаки! Да не се дефокусира членството со квази синдикат со пирамидални финансиски мотивации кон членовите.
Ви благодарам за Вашата подршка благодарност до премиерот и целата Влада за нивната соработка и разбирање во овој важен процес.
Претседател на ССКЦ
Предраг Серафимовски