Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) изразува јасна и недвосмислена несогласност со одлуката на Министерството за здравство за преместување на 300 здравствени работници да паркираат на локацијата на хотелот „Лимак“.
Донесувањето ваква одлука без претходна најава, без консултација со ССКЦ и без средби со директорите на клиниките, отвора сериозни сомнежи за транспарентноста и целта на овој процес. Оправдано се поставува прашањето дали станува збор за нова форма на јавно-приватно партнерство, слично на случајот „Ѓока Констракшн“, но овојпат со хотелот „Лимак“. Дополнително, од достапни информации дознаваме дека „Лимак“ нема одобрение од Советот на Град Скопје за наплата на паркирање на својот подземен паркинг, и правно не смее да наплаќа за користење на истиот. Ова ја доведува во прашање легитимноста и правната основа на предложеното решение.
Предлогот е нецелисходен, неразумен и ја игнорира вистинската потреба на вработените – конечно, безбедно и функционално сообраќајно решение во просторот околу здравствените установи во кампусот „Мајка Тереза“. Преместување на паркингот на оддалечена, недостапна и логистички непрактична локација ќе значи дополнителни трошоци, доцнења и нарушување на работниот процес.
ССКЦ исто така посочува дека ЈУ Заеднички служби на клиничкиот центар, како институција надлежна за инфраструктурата во кампусот, треба да има централна улога во организирањето и имплементацијата на соодветни сообраќајни решенија за кампоусот! Сепак, загрижувачки е фактот што вработените во оваа установа сè уште не ги добиле покачувањата од 2023 година и се соочуваат со доцнења на платите, иако сите останати здравствени работници во системот веќе ги имаат добиено истите права. Ова е јасен показател за институционална нееднаквост и занемарување.
ССКЦ апелира до Министерството за здравство и до сите надлежни институции итно да се насочат кон решавање на реалните проблеми на терен, вклучително и изнаоѓање трајно, правично и одржливо сообраќајно решение во рамките на кампусот „Мајка Тереза“, во консултација со сите засегнати страни. Истовремено, бараме веднаш да се решат и прашањата поврзани со исплатата на заостанатите плати и договорените покачувања.
ССКЦ останува доследен и решителен во одбраната на интересите на работници и ќе продолжи да се залага за фер, инклузивни и долгорочни решенија во јавниот здравствен систем.