АКТУЕЛНОРАБОТНИК

Бобан Илиевски: Дел од пратениците уште еднаш покажаа дека работниците се на дното на општествената пирамида

Дел од пратениците уште еднаш покажаа дека работниците се на дното на општеството со тоа што не ги изгласаа амандманите коишто ги поднесоа ССМ и КСС. Амандманот којшто го поднесе ССМ се однесуваше на линеарно зголемување на платите во јавниот сектор за 2,806 денари, додека амандманот на КСС се однесуваше на исплата на финансиска помош на вработените во приватниот сектор. Истиот предвидуваше на оние работници коишто земаат од 18 до 21,000 денари плата да им се исплати тримесечен надоместок од по 3,000 денари, а на оние кои земаат плата од 21,000 до 24,000 денари да им се исплати надоместок од по 2,000 денари.

Самиот потег на дел од пратениците уште еднаш покажа дека работниците не се ништо друго освен средства за остварување на профит или давање на услуги. Воедно им испратија порака дека што е можно поскоро треба да си ги пакуваат куферите и да си заминат од државата.

Слушнавме дека ќе се изготвува и некаков Закон за плати, но со оглед на тоа дека во државава речиси се останува на „ќе“, не верувам дека вакво нешто ќе биде во брзо време. Гледајќи го одвивањето на ситуацијата во Македонија, не можам да имам никакво друго мислење, освен сомнежи во намерите на власта.

Нема смисла да се вели дека немало пари во буџетот, а во меѓувреме да се троши на непродуктивни трошоци. Работниците треба да бидат на пиедесталот на ова општество, бидејќи тие се двигателот на истото. Без работници, нема да има ниту економија, но очигледно дека тоа некој не го знае или пак се прави дека не го знае.

Како и да е, бројот на работна сила во Македонија се намалува од ден на ден, се повеќе и повеќе. Ќе дојде време кога и оние што се вработуваат по партиски клуч да си заминат, па политичките партии да не можат да си најдат партиски војници за да вработат.

Извор: www.rabotnik.com.mk   Автор: Бобан Илиевски   02.07.2022 година