АКТУЕЛНОКССНОВОСТИ

КСС: На заканувачите им порачуваме дека нема да престанеме со нашите синдикални активности, правдата е на наша страна

КСС веќе подолг период реагира на крајно лошиот однос на институциите кон нашите синдикални организации и грански синдикати а во тоа предничи ситуацијата која што се случува во синдикалната организација на АД ЕЛЕМ и пред се во синдикалните организации кои што се наоѓаат на територија на општина Битола, РЕК Битола и ПОД Новаци.

Имајќи во предвид, како што имаме и досега многу пати изјавено, надлежните во институциите каде што делува овој грански синдикат неколку години не го дозволуваат синдикалното организирање но и нашите членови ги одземаат административно и ги префрлаат во гранските синдикати при ССМ. Нашата синдикална организација при АД ЕЛЕМ правдата ја побара преку судски тужби за кои веќе судот донесе правосилни одлуки за враќање на членството и исплаќање на штетата којашто веќе е направена врз синдикалните организации. Наместо извршување на судските пресуди кои што се правосилни и обврзувачки надлежните во АД ЕЛЕМ и во нејзините подружници почнаа пресметка со нашите синдикални претставници од позиција на моќ на власт. Така што беа пријавувани во разни институции, малтретирани, а во последниот месец претседателот на гранскиот Синдикат за енергетика и рударство при КСС доби суспензија на работното место. Од причина што не застанавме тука и продолживме со барањето на правдата којашто поради неизвршување на судски правосилни пресуди е кривично дело во текот на вчерашниот ден еден од нашите синдикални претставници од СО на ПОД Новаци доби заканувачко писмо со закани по неговиот живот и неговото семејство, доколку не се откаже од синдикалната организација. За сето ова е пријавено во полициската станица во Битола и направен е соодветен записник за покренување на истрага за пронаоѓање на сторителот.

Се обраќаме до јавноста и до надлежните институции во Република Македонија јавно да го осудат ваквиот настан со што се загрозува слободата на синдикално организирање во Македонија а надлежните да покренат вистинска истрага и сторителите на ова дело да бидат изведени пред лицето на правдата и казнети соглано позитивните законски прописи во државата. За овој несакан и немил настан од кој се згрозуваме во текот на денешниот ден испративме и допис до министерката за труд и социјална политика којашто е надлежна во делот за синдикално организирање но испративме и дописи со целосна документација до нашите синдикални меѓународни централи, Европската конфедерација на синдикати и Светската конфедерација на синдикати, Европската федерација на синдикати од јавен сектор и Светската федерација на синдикати од јавен сектор но и до Меѓународната организација на трудот од причина што институциите каде што се случуваат овие немили настани се под капата на државата.

Апелираме до сите, ваквите дејствија да прекинат во насока на ослободување на работниците за слободно здружување во синдикатите а на сторителите им порачуваме дека нема да прекинеме со нашите активности затоа што правдата е на наша страна а синдикалните организации во КСС се секогаш на страната на работниците.

Извор: www.rabotnik.com.mk 17.08.2022