Скопје, 15.09.2026 — Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (ССКЦ) достави барање до министерот за здравство д-р Сашо Клековски за формирање работна група и делегирање претставници за изработка на нов Колективен договор за вработените во јавните здравствени установи.
Согласно член 203 од Законот за работните односи, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка односно оддел според Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач. Согласно член 210 став (1) од истиот закон, колективен договор склучуваат работодавачот и репрезентативниот синдикат.
Важечкиот колективен договор за здравствената дејност во значителен дел не соодветствува на:
- измените и анексите донесени во меѓувреме;
- актуелната организација, кадровска состојба и услови за работа во јавните здравствени установи;
- новите стандарди за правата на вработените во јавниот сектор.
Ваквата состојба наметнува потреба од целосно усогласување на колективниот договор со реалните услови во дејноста.
Синдикатот бара Министерството за здравство да покрене постапка за изработка и склучување на Колективен договор за вработените во јавните здравствени установи и, за таа цел, да формира работна група.
Во составот на работната група да бидат делегирани претставници на:
- Министерството за здравство;
- Фондот за здравствено осигурување на РСМ;
- репрезентативните синдикати во дејноста.
ССКЦ изрази подготвеност веднаш да стави на располагање стручен и правен капацитет, како и работни материјали и компаративни анализи со кои располага, заради ефикасно и навремено спроведување на постапката.
Барањето го потпиша претседателот на ССКЦ, прим. д-р спец. Предраг Серафимоски.
ССКЦ ќе ги информира членовите за одговорот на Министерството и за понатамошниот тек на постапката.
Документ: Барање за формирање и делегирање претставници во работна група за изработка на Колективен договор за вработените во јавните здравствени установи (PDF) — арх. бр. 0302-95/1 од 15.09.2026
