ССКЦ достави званично барање до Министерот Филипче и Комисијата за заразни болести за изземање на вработените во здравството од гласачките места

Синдикатот на Клинички центар на барање на своите членови јавно го изнесе својот став дека неприфатлива е одлуката на Државната изборна комисија (во понатамошниот текст: ДИК) вработени во јавните здравствени установи, вклучително доктори и медицински сестри во овој момент да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори.

Со оглед на актуелната состојба со пандемијата со Ковид 19 и недостигот и заморот на здравствениот персонал, Синдикатот на Клинички центар јавно ги повика надлежните институции да преку системско, а не поединечно решение, ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии.

Претседателот на ДИК во своите јавни обраќања за цело време укажуваа дека не постои законска можност да се најде системско решение за ова прашање и дека вработените во ЈЗУ можат само поединечно на барање на работодавачот-директорот на ЈЗУ да достават барање до ДИК, а по разгледување на барањето евентуално позитивно да се одговори на ваквите барања.

Синдикатот на Клинички центар е на став дека Комисијата за заразни болести и Министерот за здравство во услови на пандемија се најповиканите институции кои со препорака и заедно со кризниот штаб, МИОА и ДИК можат системски да го решат овој во оваа состојба најмалку потребен проблем.

Согласно овој став и актуелната состојба со пандемијата, Синдикатот на Клинички центар достави званично барање до Министерот за здравство и Комисијата за заразни болести во рамките на своите овластувања и надлежности да ги задржат вработените во здравството за време на изборниот процес.

 

ДОПИС ДО МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО И КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

До

Министерство за здравство

  • За Министерот лично  –
  • Комисија за заразни болести –

Почитуван Министер за здравство, г-дин Венко Филипче,

Почитувани,

До Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (во понатамошниот текст: Самостојниот синдикат, ССКЦ) се обратија голем број членови, кои се вклучени во изборни комисии и изборни одбори за нивно изземање од овие тела на Државната изборна комисија (во понатамошниот текст: ДИК) согласно актуелната состојба со пандемијата со Ковид-19.

Претседателот на ДИК јавно се произнесе и рече дека согласно законската регулатива секој вработен во здравствените установи треба поединечно да достави барање до ДИК за негово изземање од избирачките комисии и одбори со приложена согласност-барање од работодавачот-директорот дека вработениот поради актуелната состојба со пандемијата и недостигот на персонал треба да биде изземен од ангажманот околу  организирањето на изборниот процес, односно од изборните комисии и одбори.

Самостојниот синдикат е на став дека со поединечни барања на вработените до работодавачот-директорот и до ДИК целата постапка ќе се пролонгира, а истовремено ќе биде директно зависно од поединечната воља на секој работодавач-директор, поради што Самостојниот синдикат е на став дека актуелниот проблем бара системско решение.

Поради претходно наведеното, Самостојниот синдикат Ве замолува во рамките на Вашите надлежности и овластувања да доставите званично барање до ДИК за изземање на вработените во здравството од избирачките комисии и одбори, и нивна замена со административни службеници од други области.

Скопје, 01.07.2020 година

Со почит,

Претседател на Самостојниот синдикат

на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и

други јавни здравствени установи во Република Македонија

_________________________________

др. супспец. Горан Беговиќ dr. sci.

 

         

Доколку Министерот за здравство и Комисијата за заразни болести се изјаснат ненадлежни и дека немаат законска основа за системско решение, во тој случај Министерот за здравство секако има право, а по Синдикатот на Клинички центар и обврска да им наложи на директорите на своите вработени вклучени во изборните комисии и одбори, да им дадат барање за нивно изземање поради потребите на јавната здравствена установа, кое тие би го доставиле до ДИК.

Скопје, 01.07.2020

Scroll to Top