Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР) и ЈЗУ Институт за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Северна Македонија го формираа Центарот за знаење „ЕПИ КОВИД-19 Центар за безбедност и здравје при работа“.
Актуелната епидемиолошка состојба со КОВИД-19 и дадените дозволи за отворање на деловни субјекти од различни области, потенцијално генерира огромен број на прашања од областа на епидемиологијата, медицината на трудот и безбедноста при работа. Од тие причини ИЈЗ и МЗЗПР одлучија да ги здружат своите ресурси, знаења и искуства и да ја унапредат својата досегашна соработка во новоформираниот „ЕПИ КОВИД-19 Центар за БЗР“.
Центарот се стреми кон јакнење на јавната свест, како и капацитетите кај професионалците во областа со цел зачувување на безбедноста и здравјето при работа на работната популација.
Основните цели за формирање на овој Центар истовремено се и подигање на знаењето и компетенциите на компаниите, работниците, правните и физички стручните лица за БЗР и докторите специјалисти по медицина на труд за состојбите поврзани со појавата на епидемија на КОВИД-19 во земјата и можностите за превенција и контрола на ширење на заразата меѓу работниците на нивните работни места.
Овој мултисекторски и мултидисциплинарен Центар ќе биде составен од професори и експерти од различни области (епидемиологија, хигиена, медицина на труд, безбедност при работа). Центарот останува отворен за секој поединец и институција кои сакаат да се вклучат и да придонесат за остварувањето на мисијата и целите за кои е формиран.
Извор: МЗЗПР 23.09.2020