Барање за покачување на платите на медицинските сестри и техничари со средно стручно образование за 5%

До

Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија

Од група медицински сестри и на нив сродни занимања со средно стручно образование

Предмет: Барање за покачување на коефициентот на сложеност за 5%

Почитувани,

Со оглед на планираното покачување на минималната плата на 18000 денари сметаме дека медицинските сестри и на нив сродните занимања –  мед. лаборанти, Ртг техничари, протетичари, физиотерапевти и сл. со средно стручно образование (во понатамошниот текст: медицински сестри со средно стручно образование; персонал со средно стручно образование) се обесправени и дискриминирани во делот на нивните примања споредено со вработените на кои се однесува минималната плата.

Согласно поединечниот колективен договор основната нето плата на персоналот со средно стручно образование изнесува 22700 денари.

Медицинските сестри со средно стручно образование и претходно се чувствуваа дискриминирани во споредба со медицинските сестри и на нив сродните занимања со високо стручно образование.

Оваа состојба за цело време во изминатиот период создаваше револт кај медицинските сестри со средно стручно образование, кој особено беше изразен  кај медицинските сестри  со средно стручно образование со над 25 години работен стаж при нивната споредба со помладите медицински сестри и на нив сродните занимања со високо стручно образование  на кои тие им беа едукатори и несебично им го пренесуваа своето знаење. Сето ова имаше влијание и негативно се одразуваше на работниот процес.

Крајниот резултат беше голем одлив на овој искусен медицински кадар од јавното здравство и нивно заминување во приватните здравствени установи или во странство.

Со планираното покачување на минималната плата сметаме дека дополнително ќе се зголеми револтот кај персоналот со средно стручно образование, особено ако се земе во предвид дека во пракса може да се случи хигиеничарка со работен стаж помеѓу 30  и 40 години по основ на минимална плата од 18000 денари и минат труд да се изедначи во своите месечни примања со медицинска сестра со средно стручно образование која има работен стаж од 1 до 5 години.

За да се спречи дополнителниот револт и за да се превенира уште поголемиот одлив на персоналот со средно стручно образование бараме покачување на нашата основна плата за 5%.

Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (ССКЦ) во целост го поддржува ова барање и во заеднички допис со барањата на докторите на медицина и стоматологија со специјализација во траење од шест месеци го достави до Министерот за здравство како барање на ССКЦ.

Скопје, 24.12.2021 година

Барањата на ССКЦ доставени до Министерот за здравство може да ги погледате тука.

Scroll to Top