Синдикатот на Клинички центар им го честита остварениот успех на наставниците, воспитувачите и негователите во покачувањето на нивната основна нето плата од 15%.
Овој успех го остваривте со истрајна и непоколеблива борба за остварување на Вашите права и барања.
И, покрај очигледниот притисок од надлежните институции и нејасната почетна политика на надлежните институции Вашиот штрајк да го етикетираат како политички мотивиран, како и недоличните и навредливи напади кон Вашиот лидер со единство и слога и со учество од 95% од вработените во штрајкот, јасно ставивте до знаење дека безмалку сите вработени во образованието и градинките се борат за остварување на своите права без оглед на политичка и било каква друга припадност.
Со ваквиот однос ги принудивте надлежните институции да го сменат пристапот и сериозно да ги разгледаат Вашите барања и заеднички со Вас и Вашиот синдикат да бараат заедничко прифатливо решение.
Задоволни сме што во преговорите за мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор успеавте со Министерството за образование да најдете заедничко прифатливо решение за покачување на основната нето плата во образованието од 15%, во услови на сериозна економска и здравствена криза.
Како исклучителен успех го цениме и договореното потпишување на нов колективен договор во образовната дејност, како и воведувањето на нова практика на партнерски однос помеѓу СОНК и МОН во креирање на буџетот за 2023 година, а особено буџетот за плати, која како воспоставена пракса ќе продолжи и во иднина.
Истовремено, успеавте со Министерството за образование и наука да постигнете договор да ги добиете платите во целост за време на штрајкот.
Скопје, 19.05.2022 година
Извршен одбор на ССКЦ