ССКЦ бара изземање на јавните здравствени установи од пресметката на плата преку ИСУЧР

Скопје, 15.09.2026 — Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија (ССКЦ) достави барање до министерот за здравство д-р Сашо Клековски за изземање на јавните здравствени установи од пресметката на плата преку Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР).

Барањето (арх. бр. 0302-96/1) е поднесено откако Министерството за јавна администрација побара од јавните здравствени установи да номинираат лица за онлајн обуки за новиот начин на пресметка на плата преку ИСУЧР, со најава дека пресметката на платите во јавниот сектор во иднина ќе се врши исклучиво преку тој систем.

Пресметката на платата во јавните здравствени установи суштински се разликува од онаа во органите на управата. Таа произлегува од непрекинат 24-часовен процес на работа и опфаќа:

  • дежурство и приправност;
  • работа во смени и ноќна работа;
  • работа во денови на неделен одмор и во празници;
  • прекувремена работа во услови на недостиг на кадар;
  • додатоци по основ на посебни услови за работа и изложеност на ризик;
  • специфични коефициенти по работни места утврдени со колективните договори.

Овие елементи се променливи на месечно ниво и се утврдуваат врз основа на распореди и евиденции што ги води самата установа.

Платата, додатоците на плата и надоместоците на вработените во јавните здравствени установи се уредени со колективни договори склучени согласно член 203 и член 210 став (1) од Законот за работните односи, како и со Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на РСМ“ бр. 154/2023).

Еднострано воведување на единствен методолошки модел на пресметка преку информационен систем, без претходно усогласување со страните на колективните договори, во пракса значи изменување на начинот на остварување на права утврдени со колективен договор по пат на техничко решение — што е спротивно на природата на колективното договарање и може да доведе до намалување на веќе стекнати права.

Јавните здравствени установи веќе применуваат сопствен, разработен начин на пресметка на плата, усогласен со колективните договори и со подзаконските акти, поврзан со евиденцијата на работното време и со изворите на финансирање, вклучително средствата од Фондот за здравствено осигурување и приходите од дополнителна дејност.

Пренесувањето на овој процес во систем што не ги предвидува наведените специфичности носи ризик од погрешни пресметки, задоцнети исплати и обемни дополнителни рекламации.

Според сознанијата на ССКЦ, поради специфичноста на дејноста определени институции веќе се изземени од овој режим на пресметка преку ИСУЧР. Барем со иста мерка треба да се цени и здравствената дејност, која функционира во непрекинат режим на работа и со најсложена структура на додатоци на плата во јавниот сектор.

ССКЦ бара Министерството за здравство да покрене иницијатива пред Министерството за јавна администрација и пред Владата на РСМ за изземање на јавните здравствени установи од модулот за пресметка на плата во ИСУЧР, со задржување на постојниот начин на пресметка утврден со колективните договори.

Барањето го потпиша претседателот на ССКЦ, прим. д-р спец. Предраг Серафимоски. ССКЦ ќе ги информира членовите за понатамошниот тек на постапката.


Документ: Барање за изземање на јавните здравствени установи од пресметката на плата преку ИСУЧР (PDF) — арх. бр. 0302-96/1 од 15.09.2026

Scroll to Top